Нексе одигра катастрофално второ полувреме и загуби од Мешков во Нашице 

Ракометарите на Мешков Брест приредија големо изненадување и среде Нашице го совладаа домашниот тим на Нексе со 26-29 (17-17). Со овие бодови белорускиот шампион се искачи на втората позиција на табелата во СЕХА лигата, и сега го чека исходот од мечот ППД Загреб против Татран Прешов за да го дознае конечниот пласман и против кој тим ќе се судри во полуфиналето на „фајнл-форот“, на кој ќе биде домаќин. 

Љубителите на спортот во салата „Крал Томислав“ беа сведоци на фантастичен ракометен натпревар, кој им го приредија ракометарите на двете екипи. Се играше отворено, брзо и атрактивно, особено во првиот дел во кој паднаа дури 34 гола, односно по 17 во двете мрежи. 

Домаќините подобро го отворија резултатот и носени од одличите Јагањац и Зрниќ кон средината на првиот дел за првпат стигнаа до +3 (11-8), но Мешков брзо се врати во игра и со голот на Селвиасиум се избори за егал на полувреме (17-17). Вториот дел избраниците на Хрвоје Хорват го започнаа многу опуштено и грешки се редеа пред гостинскиот гол, а ракометарите од Брест одлично го искористија тоа и во финалните десет минути влегоа со позитива од три гола (22-25), која ја сочуваа до крајот на мечот за конечна победа од 26-29. 

Најдобар стрелец на мечот беше гостинскиот ракометар Дарко Ѓукиќ со девет гола, четири помалку постигнаа Јашанка и Селвиасиум. Кај Нексе, Јагањац со пет и Лончар со четири погодоциц беа најистакнати поединци.