Нексе кај Стеауа направи голем чекор кон Ф4-турнирот во СЕХА

Хрватскиот претставник во СЕХА-лигата, екипата на Нексе, направи голем чекор кон завршниот Ф4-турнир во регионалното натпреварување затоа што победи на гостувањето кај Стеауа (19-31).

Тимот од Нашице беше доминантен, па со четвртата победа по ред, привремено се искачи на лидерската позиција на табелата. Стеауа, пак, е во голема криза и го доживеа шестиот неуспех по ред во СЕХА. Разликата се направи во средината на првиот дел, а романскиот тим цело време бркаше резултат, но ниту еднаш не го загрози триумфот.

Најдобар кај Нексе беше Јелиниќ со шест гола од шест обида, а го следеа Јагањац, Томиќ и Јаман со по четири гола. Одличен беше и Морено Цар, со 12 одбрани. Кај Стеауа, кај која голманите не беа расположени, Росу даде пет гола.

На четири кола пред крајот Нексе има 33 бода, исто колку и Вардар и ППД Загреб, кои, пак, имаат меч помалку.