Некој нов ПСЖ е предизвикот за пелистерци, Мадсен уште ја бара препознатливата игра

Можеби не е моќен како претходните сезони, но првакот на Франција пак е еден од фаворитите за место на завршниот турнир на Лигата на шампионите. Пари Сен Жермен по ерата на Раул Гонзалез му е доверен на Данецот Мадсен, а првите сигнали се променливи. „Светците“ во Суперкупот на Франција делуваа ранливо и убедливо загубија од Монпелје. Впечатокот не го поправија ниту против Магдебург во првото коло на Лигата на шампионите и со лесен пораз се вратија од Германија.

„Мозокот“ на тимот останува Стајнс, а силата е во бековските позиции и ракометари како Омар Јахиа и Елохин Пранди. Кога екипата се потпира на нивните индивидуални квалитети секогаш е опасно за противникот. Реализацијата на крилата и корпулентниот Сипжак е многу висока и нема дилеми дека тие се прва опција за најдобри стрелци на екипата.

Еурофарм Пелистер има свои шанси вечерва во „Пјер де Кубертен“, но голем дел од тие опции зависат од силата и денот на овие париски ѕвезди. Гарабаја во Париз допатува без Хаидарирад и Абутовиќ, но со ентузијазам по добриот старт на сезоната. 

ЕХФ за овој меч ја делегира исландската судиска двојка Јонас Елијасон и Антон Палсон, арбитри со богато искуство на највисоко ниво. Делегат на натпреварот ќе биде Шпанецот Висент Леон Брето.