• Мартин Танасковски
Еден од поранешните симболи на Партизан и европски шампион со Вардар, Страхиња Милиќ, се враќа во клубот од Хумска, овојпат во нова и исклучително важна улога. Како што пренесува „Моцарт Спорт“ тој е именуван за директор на младинските категории на РК Партизан.
Со ова назначување продолжува стратегијата на клубот за враќање на поранешните асови и „деца на Партизан“ во клучните спортски структури. Новиот директор на младинските категории ќе биде задолжен за унапредување на работата со младите, со јасна цел Бањица повторно да стане фабрика на таленти и што поголем број ракометари да стигнат до првиот тим.
Кариерата рано го однесе Милиќ надвор од Партизан, како млад голман настапуваше за дански Силкеборг, но по тешка повреда на коленото се врати во матичниот клуб. Во периодот со црно-белите освои неколку домашни трофеи, играше полуфинале во Челинџ купот и настапуваше во Лигата на шампионите, во ерата кога Партизан се соочуваше со европски велесили како Кил, Копенхаген со Микел Хансен и Монпелје предводен од Никола Карабатиќ.
Најголемите успеси ги постигна со Вардар, со кој во 2017 година ја освои Лигата на шампионите, во тимот предводен од Раул Гонзалез. Во Скопје остави силен печат и беше дел од златната генерација на „црвено-црните“.
Кариерата ја заврши релативно рано, на само 28 години. Подоцна се обиде да се врати на терените во дресот на Партизан, но без поголем успех. Сега, сепак, започнува ново поглавје, овојпат надвор од теренот, со задача да ги создаде идните лидери на клубот од Хумска.
