• Мартин Танасковски
Натпреварот против Украина од квалификациите за Европското првенство ќе биде проштален меч за една од најголемите ракометни ѕвезди на Србија, Драгана Цвијиќ. Искусната пикерка ја привршува својата богата кариера, која сезонава ја заокружува во редовите на Ференцварош.
36-годишната Цвијиќ зад себе остава импресивни резултати, меѓу кои се издвојуваат двете титули европски шампион со Будуќност, како и сребрениот медал со репрезентацијата на Светското првенство во 2013 година.
Драгана Цвијиќ беше дел и од ѕвездениот тим на ЖРК Вардар, за кого играше од 2017 до 2018 година и учествуваше на завршниот Ф4-турнир со тогашниот македонски гигант. Оваа година таа достигна и значајна бројка од 500 голови во Лига на шампиони во ракомет.
Цвијиќ веќе размислува за следниот чекор во кариерата, најави дека сака да се посвети на тренерската работа. Минатата година, од националниот тим се простија и Андреа Лекиќ и Катарина Томашевиќ, што означува крај на една успешна генерација на српскиот женски ракомет.



