Недановски: Знаевме дека веќе нема поправен, победата може да е пресвртница на сезоната!

Владо Недановски уште еднаш наспроти сите критики покажа дека е способен со Вардар да направи и добри резултати, откако неговиот тим го доби дербито со Еурофарм Пелистер (27-23). Тренерот на скопскиот тим беше задоволен од прикажаното, особено во првото полувреме. Призна дека во продолжението вардарци паднале, меѓутоа ги пофали играчите дека покажале карактер.

„Првото полувреме игравме добра одбрана и нападот функционираше, беа на нивото. Во вториот дел имавме проблем, не знам дали поради разликата мислевме ќе продолжиме лесно со тој ритам. Пелистер има натпреварувачки ритам и секоја недела игра вакви натпревари. Ние го немаме тоа, ако го имавме веројатно би биле добри и во второ полувреме. И покрај тоа што се доближија на гол разлика, покажавме карактер и го подигнавме нивото во одбраната. Почнавме да играме и во напад по десетина минути во кои не бевме ефикасни. Ова е навистина празник за спортот, бидејќи ракометот е спорт број еден. Ние имаме квалитетен ростер и долга клупа. На сите им е жал што не добија шанса да играат пред ваква публика и атмосфера. Играме регуларен дел, ќе имаме и плеј-оф па сите се потребни.

Денес мечот можеше да замине и во друга насока. Исклучувањето на Томи кога го погоди Митревски во глава можеше да биде клучно, тогаш се крши резултатот. Во финишот второто полувреме голманите имаа проблем, исто ќе беше и јас да бранам некои 20 минути. Сепак, кога беше најважно во завршницата тие се вратија со клучни интервенции на зицери, пенали“, изјави Недановски.

Предводникот на вардарци се осврна и на загубеното дерби со Алкалоид, меѓутоа нагласи дека овој триумф може да биде пресвртница во сезоната. 

„Првото дерби го загубивме и кикснавме, имаме премногу нови играчи и тоа се виде. Сепак, вистинското дерби го добивме. Очекувањата се различни од тоа на терен. Покажавме карактер и желбата на терен се виде дека повеќе ја посакувавме победата. Немаше поправен за нас, по поразот од Алкалоид немавме веќе простор за кикс. Оваа победа може да биде пресвртница за сезоната на Вардар. Играчите по вакво дерби и атмосфера повеќе ќе работата на тимот, во себе“, заврши Недановски.

Вардар се израмни со Еурофарм Пелистер на табелата, а лидер е Алкалоид кој и натаму нема пораз. Пред „црвено-црните“ набргу ќе дојде и предизвикот во ЕХФ Европската лига.