Недановски: Столе е најголем вардарец и легендиште, а победата е на играчите!

Македонската лига сигурно е дека ќе биде интересна до крајот, затоа што најтрофејниот Вардар 1961 вторпат во втор меч го победи актуелниот првак Еурофарм Пелистер (30-25).

„Црвено-црните“ по триумфот во Суперкупот, победија и во првото дерби од Суперлигата, податок кој буди задоволство кај Владо Недановски, тренерот кој ја отслужува суспензијата и во чие отсуство на клупата на вардарци беше Столе Стоилов.

„Кога прифати Стоилов да ми биде помошник, тоа беше задоволство, да работиш со најголемата вардарова легенда е чест. Сега сме заедно во стручниот штаб, разговараме, се консултираме за доброто на клубот. На овој меч изгинаа играчите, во соблекувалната баш на сите им се заблагодарив за прикажаното издание и затоа што почитуваа се што зацртавме. Исто, благодарност и до Столе, затоа што таква легенда почитува се. Цело време бевме во комуникација и успеавме да дојдеме до посакуваниот резултат“, изјави Недановски.

Вардар 1961 ја отвори новата сезона со две победи во низа, а покрај над Еурофарм Пелистер, славеше и против тимот на Бутел Скопје.