• Редакција Gol.mk
Почетокот на сезоната Вардар 1961 го дочекува со мотив, надеж и желба и сезонава да биде фактор, да биде во игра за трофеите, и да се врати на тронот. Пред сезоната „црвено-црните“ играа на два турнири, во Струга и во Охрид, и беа финалисти, токму против ривалите за кои сезонава се смета дека ќе бидат исто така кандидати за висок пласман.
Во Охрид, вардарци триумфираа откако го победија Алкалоид во финалето, а на турнирот во Струга, Еурофарм Пелистер да до трофејот.
„Спремен е Вардар за новата сезона, Направивме добри подготовки, одигравме неколку контролни средби, настапивме на два турнири. Целите остануваат исти, без разлика дали Вардар има или нема играчи, и какви се тие, целите се секогаш тие. И претходните две сезони бевме доста блиски до титулите, а ги загубивме заради тој недостаток на ротација. Сега не можеме да кажеме дека немаме играчи. Имаме над дваесет играчи кои се идентични по квалитет и можат да покријат добро и во напад и во одбрана. И сега секој резултат освен титула ќе биде неуспех за овој Вардар“, вели Владо Недановски, тренерот на Вардар.
Во текот на летото во Вардар дојдоа повеќе играчи, а последниот во низата е Вуко Борозан. Со него се заокружува ростерот што ќе го има на располагање Недановски.
„Добивме големо име. Мислам дека имаме доволен број на играчи, Ростерот засега е затворен. Имаме и повеќе млади играчи кои ќе треба да добијат шанса. Стојановски и Стаменковиќ. Тие сигурно ќе играат на некои мечеви. Гогов е веќе втор голман, и сериозно се бори за местото и во почетниот состав. Останува на сите нас да работиме напорно“, заврши Недановски.
Во првото коло од домашното првенство, Вардар 1961 утре гостува кај Алкалоид во Автокоманда.