Недановски: Ротацијата ни беше проблем, противникот беше подобар во сите сегменти

Ракометарите на Еурофарм Пелистер славеа во големото дерби со Вардар 27-21 и ја задржаа неизвесноста во трката за шампионската титула. Во салата „Боро Чурлевски“ во Битола по крајно изедначено прво полувреме, домаќинот блесна кон средината на  второто кога стигна до пет голови предност (19-14) и практично го реши победникот.

Тренерот на победникот на Купот, Владо Недановски, го анализираше натпреварот и спортски ја честита победата. 

„Ротацијата ни беше проблем, во второто полувреме физички паднавме. Противникот ротараше повеќе, имаше снага и тоа пресуди. Подобриот и поспремниот тим извојува победа. Вечерва во сите сегменти Еурофарм Пелистер беше подобар. 

Еурофарм Пелистер останува фаворит во плеј-офот, ни имаме уште многу натпревари и ништо не е загубено. Ако издржиме можеби домашниот натпревар со Еурофарм Пелистер ќе одлучува“, ни рече Недановски.

По овој пораз Вардар 1961 падна на третото место на табелата, зад непоразениот лидер Алкалоид и шампионот Еурофарм Пелистер.