• Иван Димовски

Македонскиот вицепрвак од минатата сезона, Вардар 1961 ги „запали моторите“ за следната кампања. Пред „црвено-црните“ е нов обид да се детронизира Еурофарм Пелистер, а ќе играат и во групната фаза на Европската лига на ЕХФ.
Тренерот Владо Недановски ги свика своите избраници на првиот собир. Попладнево во малата сала при СЦ „Јане Сандански“ вардарци официјално го означија стартот на подготовките за новата сезона. Првиот дел од подготвителниот период вицепрвакот ќе тренира во својот дом во Скопје.
Потоа од 26 јули тимот заминува на еднонеделни подготовки во Маврово. На трети август е закажано враќањето во Скопје, а потоа се планираат два настапи на меѓународните турнири во земјава. Првиот е на Струшкиот турнир (14 до 17 август), а вториот е на турнирот во Охрид (20 до 24 август).
Вардарци досега потпишаа со Ларс Коиј, Марио Танкоски, Младен Крсманчиќ, Ашреф Маргели, Дмитро Хориха, Мигел Пинто и Томче Стојановски кои се појавија на првиот собир на Недановски. На првиот собир доцнеше Стефан Петриќ, кој ќе се приклучи во следните денови. Клубот е во потрага по нов голман по заминувањето на Мартин Томовски, со што ќе биде затворен ростерот за стартот на сезоната.









