Недановски: Мораме без Ристовски и Лазаревски, очекувам друг Партизан

Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 го чека нов настап во СЕХА-лигата, последен во лигашкиот дел. По заверка на првото место „црвено-црните“ ќе патуваат кај Партизан во Белград.

Тренерот на вардарци, Владо Недановски, ја најави средбата и истакна дека очекуваат поразличен дуел со партизановци во Белград, а ќе фалат четири играчи - двајца од поискусните, тоа се Ристовски и Лазаревски, како и младите Добрковиќ и Стојановски.

„Секако овој дуел со Партизан ќе биде поразличен меч од оној во Скопје на почетокот на месецов. Партизан е млад тим кој пред домашна публика игра добро. Ние имавме добра поддршка тука од нашите навивачи, а Партизан малку потклекна пред таа атмосфера. Во Белград сигурно нема да биде така. Сигурно ќе играат поразлично, Ниту тие ниту ние не бевме целосно подготвени тогаш, беше почеток на пролетен дел. И ние одиме на победа во Белград. Ќе ни недостасуваат Милан Лазревски и Борко Ристовски од поискусните, а од помладите во Скопје остануваат Андреј Добрковиќ и Марио Стојановски. Без ралика на противникот и теренот каде се игра Вардар секогаш ја игра својата игра надополнета со некои нови работи. Задоволсто ми е дека новите играчи се веќе целосно вклопени во новиот систем“, изјави Недановски.

Вардар во моментов е првопласиран на табелата во Б групата, пред Татран Прешов и Партизан. Со триумф, вардарци сигурно ќе бидат првопласирани. Во првиот меѓусебен дуел сезонава на Вардар и Партизан, победи македoнскиот првак со 31-26. Средбата е закажана за 28 февруари во 18 часот во СЦ „Вождовац“.