• Мартин Танасковски
Вардар 1961 не ја отвори сезоната според планот. Во рамки на првата рунда „црвено-црните“ загубија во градската пресметка со Алкалоид (33-30) во меч кој се реши во второто полувреме и беше вистинска битка за секоја топка.
По мечот, тренерот Владо Недановски коментираше за изданието на неговиот тим. Тој го призна поразот и ги посочи клучните сегменти во кои неговите избраници потфрлија.
„Знаевме дека пред почетокот, особено во Суперкупот се виде дека Алкалоид напредува од ден во ден. Тоа се виде и на теренот, сакам да им честитам. Денес беа подобри во секој сегмент од играта и заслужено нè победија.
Што се однесува до нашата игра, ние потфрливме во одбрана, онаму каде што бевме најсилни во претхдоната сезона. Примивме многу лесни голови, не им помогнавме на голманите да соберат одбрани. Кога почнавме да играме одбрана и имавме шанса да се вратиме во натпреварот, ние направивме три-четири технички грешки, а тоа не е дозволено за екипа како Вардар толку лесно да продава минути и греши. До 50. минута имав верба дека можеме да се вратиме со добрата одбрана, меѓутоа грешките го направија своето и Алкалоид заслужено победи“, изјави Недановски.
Двократниот европски првак во следното коло ќе има голема можност за први бодови, затоа што против себе ќе го има новајлијата во лигата Борец Фруитленд. Мечот се игра следниот викенд во СЦ „Јане Сандански“.