Неагу пред потпис на нов договор со ЦСМ Букурешт 

Првата ѕвезда на ЦСМ Букурешт, Кристина Неагу, најверојатно нема да ја промени средината и наскоро ќе потпише нов договор со романскиот ракометен шампион. 

Иако подолго време се шпекулираше дека Неагу е на излезни врати од тимот и својата кариера ќе ја продолжи во друг европски гигант, од раководството на ЦСМ Букурешт објавија дека веќе е постигнат договор за нова соработка која ќе биде официјализирана следната седмица. 

Искусниот бек пред извесен период по четврти пат во својата кариера беше избран за најдобар светски играч, иако оваа пролет не може да му помогне на својата екипа. Таа се повреди за време на последното Европско првенство и мораше да замине на операција, која ја оддалечи од терените до крајот на сезоната. 

Пред да дојде во Романија, Неагу го носеше дресот на Будуќност од Подгорица.