Неагу: Не смееме да ја потцениме Македонија, мора да останеме фокусирани

По две одиграни кола во Ц групата што се игра во Скопје, селекциите на Холандија и Франција имаат максимален учинок и веќе обезбедија пласман во Главната рунда од Европското првенство во ракомет во женска конкуренција.

Во последниот натпревар од првата фаза на шампионатот Македонија в среда ќе се соочи со Романија. Нашиот ривал ќе биде предводен од една од најдобрите светски ракометарки, Кристина Неагу, со која разговаравме веднаш по натпреварот на Романија синоќа. 

„Секако дека кога видовме дека заостануваме 8-9 гола и многу тешко е да се вратиме, малку застанавме. Мораме да мислиме и на натпреварот против Македонија, кој за нас е најважен на турнирот. Тој дуел може да нè однесе во главната групна фаза. Мора да штедиме енергијата, бидејќи одигравме тежок натпревар против Холандија, исто така и против Франција. Мора многу да трчате и да ја трошите силата. Најважно за нас е сега да се фокусираме на следниот натпревар“, смета Неагу.

Најдобрата романска ракометарка веднаш стави мраз на ногата по натпреварот против Франција, но потврди дека само е уморна, а не и повредена.

„Ставам мраз на ногата, бидејќи тоа е дел од мојата рекуперацијата. Малку сум уморна, но сè е во ред и не сум повредена“, ни рече романската ѕвезда.

Силниот ритам на натпревари не остава простор за анализа, но романските ракометарки добро ја познаваат Македонија

„Гледавме малку како игра Македонија, сигурно ќе гледаме повеќе денес, бидејќи мора да се подготвиме. Не смееме да ја потцениме Македонија, бидејќи е домаќин, ќе имаат многу фанови на трибините и мора да бидеме фокусираме и да победиме. Немавме многу шанса да излезеле од хотелот и да прошетаме низ градот. Салата ја познавам, за мене е стара сала, бидејќи играв тука во 2008 година на моето прво Европско првенство. Ми се допаѓа атмосферата, се чувствувам како дома, бидејќи има многу наши навивачи на трибините“, заврши Неагу.

Натпреварот меѓу македонската и романската селекција се игра утре од 18:00 часот, а веднаш потоа Франција и Холандија ќе играат за првото место во групата.