Неагу го израдува ЦСМ Букурешт, Радичевиќ „решеташе“ за Будуќност

Романски ЦСМ Букурешт и црногорски Будуќност направија чекор напред во борбата за пласман во четвртфиналето од женската ракометна Лига на шампиони, со победите во претстојното коло.

Будуќност на домашен терен славеше во балканското дерби со Крим (30-28), а иако доминираше цела средба, се испоти за победата. Домашните ракометарки водеа, но на крајот Крим се врати, па следеше неизвесен финиш.

Некогашната вардарка Јованка Радичевиќ беше прво име во составот со десет гола, а Ѓурѓина Јауковиќ и Барбара Лазовиќ дадоа по седум, а кај Крим најрасположена беше Аља Варагич со шест гола.

До значајна победа дојде и ЦСМ Букурешт, на гости кај норвешки Виперс (23-25). Незаменлива кај гостинките беше Кристина Неагу со дури 14 гола, а кај Виперс, Марта Томац заврши со шест погодока.

Во дербито на колото Ростов-Дон успеа да слави кај Ференцварош (31-33).