„Не треба да бидеме „луди“ по Сагосен – нека даде десет гола, а останатите...“

Жоан

Норвешка и Шпанија ќе го одиграа дербито во четвртфиналната фаза на Светското првенство во Египет. Многумина од овој натпревар гледаат иден светски првак.

Жоан Кањељас, поранешниот член на Вардар, го најави овој дуел во кој неговиот тим ќе мора да посвети внимание на Сандер Сагосен. Најдобриот ракометар на скандинавската селекција ќе биде голема опасност и човекот од кого ќе зависат многу работи на денешната средба.

„Подобро Сагосен да постигне десет гола, а останатите да ги спречиме да ја играат својата игра. Негов проблем е што тој опфаќа толку многу од играта на Норвешка. Има голема одговорност, па неговите соиграчи, кои исто така се многу добри, не играат исто кога тој не е на теренот.

Нè очекува тешко четвртфинале, против тим кој исто така може да се бори за финале и медали. Се чини дека треба да се пласираме во полуфиналето и дека ќе биде катастрофа ако застанеме во четвртфиналето, но тоа може да се случи кога играте ваков турнир против овој вид ривали“, изјави шпанскиот репрезентативец.

Двете репрезентации потфрлија во првото коло на шампионатот. Шпанците одиграа нерешено со Бразил, а норвешките репрезентативци потклекнаа пред Франција.

Традицијата е на страна на „црвената фурија“, која доминира во меѓусебните дуели.