„Не сме сигурни дека ракометното СП во Египет ќе се одржи“

Франк Боман, еден од највлијателните лица во германскиот ракомет и директор на Бундеслигата, не криеше дека клубовите се соочуваат со големи финансиски проблеми, како последица на пандемијата со ковид-19.

Според него германските клубови ќе мораат да ги намалат платите на своите ракометари, за да ја „преживеат“ новата сезона, која постои можност да се игра пред празни трибини, или пак со ограничен број на фанови. Исто така, Боман е не е оптимист во врска со одржувањето на Светското првенство, кое е закажано за јануари 2021 година во Египет.

„Пред извесно време, испративме барање до Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) да нè извести навремено за евентуално откажување на СП. Со оглед на моменталната состојба, многу е тешко да се предвиди дека овој шампионат со сигурност ќе се одржи“, вели Боман. 

Откако беа откажани бараж-дуелите, Македонија „извиси“ во изборот на селекции кои ќе учествуваат на СП, но се надева дека ќе добие „специјална-покана“ која треба да се додели на две европски селекции.