„Не можев да го замислам Лазаров како пријател, тој никогаш не се однесува како ѕвезда...“

Кирил Лазаров

Младиот словенечки репрезентативец Рок Овничек ја игра втората сезона во екипата на Нант. Во Франција пристигна минатото лето и стана соиграч на македонскиот интернационалец Кирил Лазаров.

25-годишникот, кој игра на позицијата среден бек, направи интервју со „rtvslo.si“ во пресрет на дуелот со својата поранешна екипа Целје Пивоварна Лашко, кој беше одложен поради коронавирусот. Кога зборуваше за адаптацијата во новата средина, го спомна и името на нашиот Лазаров, кој му стана голем пријател и му помогна полесно да се вклопи во системот.

„Дојдов да играм во систем што ми одговара. Се сложувам и со играчите и со тренерот. Знам што треба да направам. Лазаров исто така многу ми помогна, се обидувам да научам што е можно повеќе од него. Тој не се однесува како ѕвезда. Тој е мој пријател што не можев да го замислам пред три години. Среќен сум што играм со него“, изјави Овничек.

Лазаров има 40 години и се наоѓа на крајот од својата богата кариера. Негова работа во преостанатото време на терените ќе биде да го пренесе своето искуство на помладите ракометари како Овничек.