Не игра за Хрватска, но ќе патува на ЕП: Екс-вардарецот адут на Романија

Хрватскиот ракометар Анте Кудуз кој моментално настапува за Динамо Букурешт, ќе игра на Европското првенство со репрезентацијата на Романија, откако земјата избори пласман на големо натпреварување после цели триесет години. 

Интересно е што Хрватот успеа да се наметне како квалитетен играч и ќе се појави на собирот како дел од романската репрезентација. Тој одамна нема добиено шанса за настап кај „коцкестите“, па затоа го прифати повикот и стана репрезентативец на Романија. Навивачите на романскиот национален тим топло го прифатија Кудуз и се шегуваа со него на социјалните мрежи дека не ја знаел во целост химната. 

„Проблем е што романската химна секогаш се интонира во целост, а јас знам сè уште знам само едвај две строфи“, изјави ракометарот кој вети дека наскоро ќе го научи целиот текст. 

Македонската публика го памети Анте Кудуз како член на двократниот европски шампион, Вардар 1961. Хрватскиот ракометар настапуваше кај „црвено-црните“ во сезоната 2021/22, по што премина во Романија каде се покажа во одлично светло и доби повик да ја претставува земјата на Европското првенство кое ќе се одигра на почетокот од следната година во Германија.

Романските навивачи се надеваат дека Кудуз ќе може да им помогне за што подобро претставување и пласман на континенталниот собир. Европското првенство во ракомет ќе трае од 10 до 28 јануари 2024 година, а ќе се одржи во најракометната земја на континентот, која сигурно ќе понуди беспрекорна организација за сите вљубеници во овој спорт. 

Романија е спортска нација и поранешна ракометна велесила, а навивачите искрено се надеваат дека репрезентацијата ќе оствари забележителен пласман на првенството кое го чекаа точно три децении.