• Редакција Gol.mk

Екипата на Пари Сен Жермен е следниот противник на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите. Францускиот гигант и најбогатиот клуб во светот вечерва ќе истрча пред полните трибини во „Боро Чурлевски“ и против момците на Бранислав Ангеловски ќе брка нова победа во групата Б.
Двете екипи ќе се сретнат по четврти пат. Традицијата вели дека досега ПСЖ има две победи и тоа двете на свој терен, додека Пелистер има еден триумф. Во сезоната 2001/02, битолскиот клуб беше подобар од францускииот гигант во осминафиналето од Челинџ Купот. На првиот натпревар пелистерци извојуваа победа од 29-26, а потоа загубија во Франција со 33-30. Сепак, заради повеќе голови постигнати во гости, македонскиот претставник се пласира во четвртфиналето, а потоа стигна и до финалето на Челинџ Купот.
Таа сезона битолчани, водени од Богдан Маковеј, имаа одлична млада и скоро целосно македонска екипа. Единствен странец беше Хрватот Секулиќ, а парижани ги совладаа: Ангелов, Тосковски, браќата Мојсовски, Јоновски, Калајџиески, Узунчев, Темелков, Митков, Шундовски... Сегашниот стручен тим-менаџер Звонко Шундовски беше во ростерот во тој двомеч, иако заради повреда не настапи.
ПСЖ во таа сезона 2001/02 беше поинаков тим од денешниот, но не беше нималку наивен противник. Екипата ја водеше Боро Голиќ, а во дуелот со Пелистер настапија: Војиновиќ, Викторсон, Сиферт, Паје, Ѕунига, Зузо, Жиро, Грушински.
Денешниот дуел во Битола е целосно друга приказна. ПСЖ е голем фаворит, има тим кој ретко губи вакви натпревари и секој резултат освен победа на францускиот шампион ќе биде големо изненадување.