„Не е фер платите истоветно да ги намалам јас и некој младинец во Загреб“

Светскиот спорт е во мирување, а спортистите се во своите домови, далеку од тимска работа или натпревари. Како некој кој има повеќе домови, тренерот на ППД Загреб и добриот познаник на македонскиот ракомет, Веселин Вујовиќ се врати во Шабац и со семејството ја минува строгата изолација во нашето северно соседство.

Во интервју за босанските медиуми, Вујо се огласи и на темата која е актуелна деновиве, а тоа се намалувањето на платите на ракометарите и ракометните работници, како последица на пандемијата. 

„Согласен сум да бидат намалени платите, но не по секоја цена и секому. Гледате какви суми се вртат во некои спортови. На пример, не може Меси и Циндриќ да се казнуваат на ист начин. Не е исто да скрати некој кој заработува милиони и некој со поскромни примања. Не може да скратиме подеднакво јас и некое младо момче на почеток од кариерата во ППД Загреб. Немам никакви информации од мојот клуб, но мислам дека ситуацијата е стабилна“, вели Црногорецот.

Поранешниот македонски селектор потоа се осврна на големите разлики во примањата меѓу фудбалерите и ракометарите на глобално ниво.

„Веќе одамна работите излегоа од контрола. Слушам суми од 100, 200, 300 милиони за еден спортист. Тоа за мене е болна работа. Па, човек со една сезона ќе се обезбеди себеси и сите свои поколенија, а ние во малите спортови нема тоа да го сториме за цел живот. Кога читам за тие дрски и безобразни трансфери во фудбалот, секогаш мислам дека таму се „пере“ огромна сума на пари. После овој хаос најмногу би можеле да профитираат средни и стабилни клубови како ППД Загреб. Зошто Карачиќ и Циндриќ би играле во странство, ако истите пари може да ги добијат во Хрватска“, заврши Вујовиќ.

„Плинарите“ со две победи против Татран Прешов лесно го прескокнаа четвртфиналето на СЕХА лигата и веќе се сигурни патници на завршниот турнир на регионалната лига во Задар.