Натпреварот Вардар - Елверум ќе биде одложен, ЕХФ ќе побара нов термин

Недостига само официјална потврда од Европската ракометна федерација, но извесно е дека натпреварот од второто коло на групната фаза на Лигата на шампионите меѓу Вардар и Еолверум нема да се игра в четврток во Скопје и ќе биде одложен за нов соодветен термин.  

Секој што ќе патува од Норвешка во нашата држава ќе мора да помине 14-дневен карантин по враќањето дома. Ракометарите на Елверум не смеат тоа да си го дозволат и бараат по секоја цена да го одложат дуелот. ЕХФ ќе им излезе во пресрет и ќе побара нов термин есенва за одигрување на натпреварот.

Минатата недела беше одложен натпреварот меѓу ПИК Сегед и ПСЖ, заради рестрикциите во Унгарија по првиот позитивен случај во унгарскиот вицешампион.

Со ова темпо на одложени и поместени натпревари, Лигата на шампионите станува нерегуларна и прашање е дали и како ќе биде одиграна. Минатото елитно клупско натпреварување беше прекинато пред осминафиналето и четири екипи беа промовирани во полуфиналисти заради најдобриот резултат во групната фаза. Овој завршен „фајнал-фор“ е планиран за 28 и 29 декември 2020 година.