Натпреварот меѓу Тулуз и Металург поради полицискиот час доби нов термин

Ракометарите на Металург веќе отпатуваа во Франција за утрешната пресметка со Тулуз во рамките на првото коло од Европската лига на ЕХФ. 

Иако првично планот беше натпреварот да се одигра со почеток од 20:45 часот, од Европската ракометна федерација донесоа промена на одлуката и средбата ќе се одигра од 18:45 часот. 

Главна причина за ваквата одлука е новововедениот полициски час во Франција, кој започнува во 21:00 часот, па ракометарите ќе имаат време да се вратат во хотелот. Оваа земја бележи голем раст на бројот на заразени со ковид-19 и за првпат и таму се воведе рестрикција на движењето.

За Металург, гостувањето кај Тулуз е прв натпревар во ново формираното натпреварување, каде освен францускиот тим, се најдоа во групата А со Чеховски Медведи, Адемар Леон, Висла Плок и Фиверс.