Секој меч на полската репрезентација е вистински празник за сите сетила. Декор во бело и црвено, интонирање на химната „А капела“, ведрина и поддршка во секој момент и кога се победува и кога се губи. Но, има еден сегмент во кој Полска никако не може да загуби на ова првенство. Прекрасните полски девојки на трибините немаат конкуренција и на трибините на „Краков арената“ се пример за тоа како треба да се навива за својата репрезентација. И она што најмногу воодушевува, никогаш не навиваат против противничката репрезентација. Така беше и вчера против Норвешка, кога Полска загуби на теренот, но победи на трибините.
Победата на норвешката репрезентација над Полска со 30-28 ги комплицира сите можни комбинации за полуфиналето, за пласман од 7. до 11. место, но и за олимиските квалификации. Математиката не ни стои најдобро, бидејќи во овој момент „паднавме“ на првата надеж. Македонија не може под деветтото место и нејзиниот пласман ќе биде меѓу 9. и 12. место.
Во еден од поубавите и подинамични натпревари на шампионатот. Норвешка ја совлада Полска и ги искомпликува работите во групата, и за полуфиналето, и за пласман, и за олимписките квалификации. Начинот на кој скандинавците „ги средија“ полските ракометари со 28-30 е најмодерното ракометно издание во групата во Краков. Една нова, физички неверојатно спремна селекција им покажа на полските ракометари дека се временски назад за модерната норвешка „молња“. Колку и да не ни одговара, играта на норвешката селекција е најголема придобивка за европскиот ракомет.
Норвешка потври дека е селекција со најголем прогрес за разлика од претходните шампионати и ја совлада домашната Полска со 28-30 (15-16) во „Краков арената“. Со овој резултат Македонија нема ниту теоретски шанси да се бори за седмото место.