Македонската ракометна репрезентација во последниот натпревар од групата А обезбеди пласман во следната фаза на Европското првенство во Полска, во директниот дуел против селекцијата на Србија. Нашиот состав на крајот заврши како третопласиран во групата и во вториот круг, без пренесени бодови, ќе игра заедно со селекциите на Хрватска, Норвешка и Белорусија.
Синоќа и на официјалната прес-конференција селекторот на Србија, Дејан Периќ, објасни што ги советувал своите ракометари на последниот тајм-аут пред нападот на Македонија, кој ни донесе реми со голот на Дејан Манасков. Видео записот интегрално ги открива зборовите на Периќ.
По големиот успех против репрезентацијата на Србија, македонскиот „министер за одбрана“ Борко Ристовски се заблагодари за поддршката. Нашиот прв чувар на мрежата објави селфи на Фејсбук, дополнето со следниов коментар:
По трилер завршницата и финалниот решавачки гол на Манасков, коментаторите на ТВ преносите во Македонија и Србија разбирливо со дијаметрално спротивни реакции. Еве ги видеата и радоста на нашиот коментатор Зоран Видевски:
Навивачите на српската репрезентација сметаат дека судиите на мечот Македонија – Србија, Јиржи Новотни и Вацлав Хорачек, се главните виновници за испаѓањето на Србија од Европското првенство во ракомет. Своето незадоволство фановите на Србија го искажаа преку бурни реакции на социјалните мрежи.
Нема меч од клучен карактер во кој Македонија до последната секунда не ги истрошила своите многубројни навивачи. Нема меч без апаурини, грицкање нокти, стегање палци. Таква беше приказната и попладнево против Србија. Тензија, помалку квалитет од драматика и на крајот хепи-енд, за радост за сметка на соседите (27-27). Филмот на натпреварот ја отсликува целата тензија во 60. минути во Краков.
Со години се одушевувавме на головите на Пепи Манасков и неговите „бомби“ а сега дојде време неговиот повозрасен син Дејан Манасков да биде миленик на нацијата. Неговиот гол со звук на сирената донесе 27-27 со Србија и отвори екстаза на радост на теренот, клупата и трибините. Инфарктната последна минута со безброј емоции уште долго ќе ја паметиме.
Песна во соблекувалната, воодушевување, дури и по некоја солза пуштија македонските ракометари по ремито против Србија, што им нуди уште седум дена во Краков, најмалку три натпревари, многу престиж и продолжување на континуитетот од 2012 година нашата селекција да се квалификува во втората фаза на големите приредби. И веднаш потоа радоста споделена со навивачите на социјалните мрежи, со вообичаената фраза: За кого? - ЗА МАКЕДОНИЈА!
Миленикот на навивачите на Металург до пред една и пол сезона, Дарко Станиќ многу смирено го анализираше натпреварот и го круниса Дејан Манасков како главна фигура во него.
Дејан Периќ веројатно имаше тешка ноќ по случајот Ѓукановиќ, а уште потешко му беше во 60. минути во „Краков арената“ против за него добро познатата македонска репрезентација.
Емоциите од дуелот на комшиите, Македонија и Србија, емотивно ги потрошија двајцата тренери по завршувањето на мечот. Ивица Обрван го анализираше мечот низ следните зборови:
Многу слатка е радоста кога и со нерешен резултат се радуваш како да е победа. Така, овој успех против Србија и финалните 27-27 во Краков ни нудат пласман меѓу 12-те најдобри, најмалку уште три натпревари и сигурно место на носител во ждрепката за баражот за Мундијалот во Франција.
Натпревар за паметење одиграа нашите ракометари и репрезентацијата на Србија. Во „Краков арената“ се одигра неизвесен дуел, со многу промени на резултатот, што само ја покажува изедначеноста помеѓу двете екипи. На крај, борбеноста на нашите репрезентативци се исплаташе, извлекувајќи нерешен резултат 27-27, кој ни беше доволен за пласман во наредната фаза. Дека искуството беше на наша страна изјави и Филип Миркуловски по натпреварот.
Македонската ракометна репрезентација останува на Европското првенство откако мечот со Србија во Краков попладнево заврши нерешено (27-27), што за нас значи исто како победа. Денес, во комплетно бели дресови и со Пешевски на местото на повредениот Никола Маркоски, македонската репрезентација подготвена го дочека судбоносниот меч на ова првенство. Откако Станиќ му одбрани пенал на Лазаров, Жарко Шешум го отвори резултатот. Брзо реагиравме и Манасков и капитенот ни го донесоа првото водство во 4. минута.
Позитивни периоди го следеа нашиот најдобар ракометар Кире Лазаров, но и моменти во кои противникот добро го чува, често и недозволено. И Станиќ, кој добро го познава, знае да го прочита.
Се играше 17. минута од мечот Македонија - Србија кога стружанецот Наумче Мојсоски го постигна својот прв гол на европското првенство. Само што влезе од клупа со удар без скок-шут низ зоната на Србија го фати на „спиење“ неговиот бивш клупски другар Дарко Станиќ и го израмни резултатот на 7-7.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, видно под притисок пред натпреварот, со навивачки шал околу вратот, во зоната каде се загреваат нашите репрезентативци, го следеше секој нивни чекор. Toj најде време и да поразговара со навивачите.
Под будното око на стручниот штаб, нашите ракометари го завршија загревањето пред мечот со Србија и сите 16 избраници на Ивица Обрван се подготвени за ново пишување на историјата. Во бели дресови нашите асови ќе бараат прва победа на шампионатот, откако во црвено-жолтата гарнитура ги загубија двата меча со Франција и Полска.
Македонските навивачи го зазедоа своето место на источната трибина во арената во Краков и на неполн час пред почетокот на клучниот меч со Србија, се подготвени за навивање. Тие триумфално влегуваа во големиот објект и постојано ги пеат познатите македонски навивачки песни. Нашиот осми играч веќе е на теренот. Сега топката се префрла кај ракометарите.
90 минути пред почетокот на одлучувачкиот натпревар за пласман во следната фаза на Европското првенство во Полска, македонските и српските ракометари пристигнаа во поттрибинскиот простор на „Краков арената“.
Србија е до најмалиот детаљ анализирана и не би требало да има нешто што тактички ќе ги изненади Обрван и Брестовац. Нашиот селектор беше преполн со комплименти за играта на Србија и максимално ја респектира пред натпреварот на одлука, денес од 18.15 часот.
По двата порази, репрезентацијата на Србија можеби повеќе беше подложна на критики, а не на пофалби. Но, има голем број ракометни познавачи кои сметаа дека овој избор на селекторот Дејан Периќ има иднина и со малку повеќе искуство, може да игра клучна улога во европскиот ракомет.
Најавените замени пред денешниот меч Македонија - Србија се официјални. Во нашиот табор во официјалниот протокол ќе влезе Жарко Пешевски на местото на повредениот Никола Марковски. Ова е враќање во тимот на кружниот напаѓач на Металург, кој веќе играше против Франција.
Продолжуваат препукувањата на социјалните мрежи меѓу голманот на српската селекција Славиша Ѓукановиќ и самата репрезентација. Не е јасно откриена причината за незадоволството кај вториот голман на нашиот денешен противник, но може да се претпостави дека односот на Ѓукановиќ со Дарко Станиќ не е најдобар.
Традицијата вели дека секогаш кога нашите ракометари играат на големиот христијански празник Богојавление Водици, тие победуваат. На овој ден во 2012 година на ЕП во Србија, Македонија во клучниот натпревар за пласман во следната фаза ја совлада Чешка во Ниш со 27-21 и ја оствари целта.
Потврда стигна и од српската ракометна федерација. Голманот на нашиот следен противник, Славиша Ѓукановиќ го напушта стожерот на репрезентацијата, а преку соопштение федерацијата ја објасни ситуацијата и застана зад одлуката на селекторот Дејан Периќ. Сите ракометари се потпишаа и се согласија со отстранувањето на голманот.
Поранешниот селектор на хрватската ракометна репрезентација и добитник на многу медали од големите натпреварувања како ракометар, Славко Голужа за српските медиуми изјави дека е позитивно изненаден од играта на српските ракометари.
Вториот голман на српската репрезентација Славиша Ѓукановиќ ја напушти националната репрезентација на неполни 24 часа пред дуелот против Македонија. Голманот на Сан Рафаел во француската лига, скоро да не добиваше шанса во првите два меча, бидејќи Периќ му верува на Дарко Станиќ.
Не беше лесно да се издржат сите напори со борбените и цврсти полски ракометари. Филип Миркуловски е еден од оние кој добива најмногу удари, трпи дуели и често има последици по тешките мечеви. Денес на тренинг делуваше смирено, рекупериран од напорите и големото емотивно празнење. Веднаш се осврна на мечот утре против соседите.
Во „Краков арената“, во исто време кога нашите ракометари тренираа во помалата арена во непосредна линија, српските ракометари имаа вечерна тренинг сесија. Падна в очи одличната комуникација на ракометарите и селекторот Периќ. Бившиот голман, а сега млад тренер, поединечно разговараше со сите ракометари.
Можеби и нема селекции на првенството, посебно во нашата група, кои подобро се познаваат од Србија и Македонија. Често играат во ист клуб, се дружат во професионалниот и приватниот живот. Еден од оние кој е во добри односи со нашите повозрасни ракометари е Жарко Шешум. Тој беше еден од ретките кој заслужи комплименти за својот настап со Франција. Средниот бек смета дека и на поинаков начин да загубеа од европските прваци, Србите ќе мораа судбината да си ја решаваат против нашата репрезентација.
Мали знаци на умор, повеќе насмевки отколку тага и свртен „нов лист“ во македонскиот национален тим на вечерниот тренинг. Заборавени се причините за поразот, веќе сите гледаат во перспектива. Мечот со Србија „тропа на врата“ и Лазаров и соиграчите не смеат неподготвени да го дочекаат. 60-70 минутна тренинг сесија е првото доближување до мечот со северните соседи.
Столбот на одбраната Ацо Јоновски со нетрпение чека да дојде мечот со Србија и со задоволство се потсеќа на последниот дуел меѓу овие две екипи. Еден од нашите тројца бундеслигашки играчи смета дека мечот утре попладне ќе биде цврст, а можеби и груб.
Кружниот напаѓач на Работнички и на македонската репрезентација, Никола Марковски, нема да настапи утре против Србија во одлучувачкиот натпревар за пласман во следната фаза. Тој денес не тренираше, туку се појави во „АВФ арената“ со мраз на зглобот, кој и натаму му е потечен.
Селекторот на српската репрезентациjа Дејан Периќ како судбината постојано да го поврзува со Македонија. Токму од нашата земја направи голем скок, по кој кариерата му доби нова димензија и стана еден од најдобрите голмани во светот, па и на сите времиња. Играјќи за Пелистер една сезона, кога неговиот татко Богољуб беше тренер, израсна во респектабилен професионалец и тоа искуство му беше од голема корист.