
Македонската репрезентативна голманка Наташа Антиќ, ќе ја продолжи интернационалната кариера во Шведска. По едногодишната епизода во словачкиот шампион Хувента Михаловце, Антиќ се сели во Скандинавија. Нејзин нов тим ќе биде Скара од најквалитетната шведска конкуренција.
„Среќна сум што ќе бидам дел од овој клуб и што ќе имам шанса да стекнам ново искуство. Со моите соиграчи ќе се потрудиме да ги оствариме целите на клубот. Ја обожавам виолетовата боја и се радувам што ќе носам таков дрес. Не знаев многу за Скара, на Интернет се информирав за градот и клубот“, изјави македонската репрезентативка.
Антиќ кариерата ја започна во Металург, со кој долго време играше во Челинџ Купот, ЕХФ Купот и квалификациите за Лигата на шампионите, пред да замине во странство, каде играше за романската Дунареа Браила, од каде пак се пресели во Словачка.