• Редакција Gol.mk
Македонската јавност тешко ја прими веста дека и со проширувањето на Лигата на шампионите, нашата Суперлига нема да има сигурно место меѓу учесниците и ќе мора да бара „вајлд-карта“. Но, таквото сценарио може да трае само една сезона.
Имено, вкупното бодување на ЕХФ се базира на последните три сезони (2021/22, 2022/23, 2023/24), исклучувајќи ја тековната, Така, Македонија испадна од „десетката“, која ги дава сигурните учесници и падна на четиринаесеттата позиција во ранкингот. Овој наш пад е предизвикан од сезоната 2021/22, кога Вардар 1961 доби забрана за настап во евро-куповите и не беше заменет со ниту еден друг македонски претставник. Така нашата лига нема поени од таа сезона и уште летово ќе се провлекува таа „црна“ сезона во нашето минато. Следните две сезони Еурофарм Пелистер ја претставуваше Македонија во Лигата на шампионите и сите поени во рејтингот се благодарение на битолчани.
Од следната сезона ќе бидат вклучени бодовите и од тековната сезона на Лигата на шампионите, со што Македонија ќе ги нападне Хрватска, Норвешка, Португалија и Романија на погорните позиции. Не е исклучена можноста од сезоната 2026/27 нашиот машки ракомет да има сигурно место меѓу 24-те учесници во Лигата на шампионите, со што би се задоволиле апетитите на нашите ракометни фанови.
Федерациите рангирани од првото до десеттото место имаат едно фиксно место во Лигата на шампионите. За следната сезона овие федерации се Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка. 24-те екипи ќе бидат поделени во шест групи по четири екипи, од кои дванаесет ќе се пласираат во главната рунда, а останатите дванаесет продолжуваат во 1/16 финалето од Европската лига.


