• Горан Упале
Екипата на Нант се избори за голем бод во соочувањето со моќната Барса во седмото коло од новата сезона во Лигата на шампионите. Во Франција европскиот шампион имаше водство до самиот финиш, но домашните ракометари не се предадоа и заслужено остана непоразени на овој натпревар (31-31).
Францускиот тим одлично се држеше на стартот од натпреварот. Нант имаше одговор за секој налет на големиот фаворит, па Барса никако не можеше да изгради посериозна предност. Сепак, кон средината на полувремето, домашните ракометари влегоа во мини-криза, а момците на Ортега искусно го искористија тоа. Набргу предност на шпанскиот тим се искачи на четири гола, а Нант до крајот на полувремето успеа само да намали за еден гол и на пауза се замина со 14-17.
На стартот од вториот дел каталонските ѕвезди одново наметнаа силно темпо и за првпат поведоа со пет гола предност, но тука застанаа. Домашните ракометари носени од фантастичната атмосфера на трибините почнаа да ја топат противничката предност и натпреварот влезе во драматична завршница. Во 58. минута Турна со својот прв гол донесе прво водство за Нант, а Барса не само што израмни, туку во последните десет секунди имаше и напад за победа. Но, искусниот Пешиќ со брилијантна одбрана обезбеди голем бод за својот тим (31-31).
Мем со девет и Јанц со пет се истакнаа кај Барселона, а за Нант прв стрелец беше Мае со седум погодоци.