Нант во Португалија ќе брани гол предност против Спортинг

Ракометарите на Нант се изборија за минимална предност од еден гол во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите против Спортинг. Натпреварот во Франција заврши со победа на домашниот тим од 28-27.

И вториот натпревар од денешната програма во ракометната елита донесе вистинска драма во завршницата, која овој пат заврши со среќен крај за домаќините. Францускиот тим уште од времето на Кирил Лазаров нема настап во завршницата во Келн, а таму одново може да се најде доколку на реваншот за седум дена го одбрани минималното водство стекнато вечерва пред својата публика.

По израмнетиот старт, ракометарите на Нант го презедоа водството и само еднаш му дозволија на противникот да израмни. Највисоката предност која што ја имаа домашните ракометари беше пет гола, на неколку наврати на стартот од вториот дел, но на крај мораа да се задоволат и со победа од само еден гол.

Лидери на Нант вечерва беа Мае со седум и Турна со четири, додека за гостите Мартин Коста запиша осум, а неговиот брат Франциско три погодоци.