Нант со победа се враќа од Иври, ПСЖ фаворит во супер-дербито

Поразите се минато, Нант пак е во победнички колосек. Во дуел од деветтото коло на францускиот шампионат, Нант запиша гостинска победа против Иври со шест разлика (26-32) со авторитетно водство и менаџирање на истото во текот на целиот натпревар, посебно во вториот дел. 

Тулуз и Ним се минато и тимот на капитенот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров, впиша значајни бодови. До шестата победа во шампионатот, екипата на Ентрериос стигна со одлично отворање на вториот дел и предност која Иври никогаш не ја достигна.

Лазаров постигна три гола, а Валеро Ривера со осум и Николас Турна со шест погодоци беа најдобри стрелци во победничкиот табор. Вилсон Дејвис со седум гола беше најефикасен кај Иври, а седум погодоци постигна и Линус Персон.

Големото дерби помеѓу ПСЖ и Монпелје се игра утревечер во 20:45 часот во главниот град на Франција. ПСЖ е лидер со 16 бода, а Нант е во групата на тимови кои заостануваат од второто до седмото место.