Нант перфектен во Франција: Пет од пет и „фрлена ракавица“ за ПСЖ

Ракометарите на Нант ја продолжија непогрешливата серија во францускиот шампионат и го совладаа Трембле на гостински терен со 28-32 со што ја запишаа петтата победа во исто толку натпревари. Три дена по триумфот над Скјерн, екипата на Тјери Анти авторитетно го доби дуелот со Трембле, со водство од првата до последната минута. 

Целиот колектив на европскиот вицешампион функционираше онолку колку што треба и предноста во секој момент беше доволна да се исконтролира дуелот и да се запишат значајни бодови. Најефикасни поединци во победеничкиот тим беа Валеро Ривера со шест и Еспен Ли Хансен со пет гола. Нашиот Кирил Лазаров постигна еден гол во периодот кој што го мина на теренот. Кај поразениот тим на Трембле се истакнаа Шеваљевиќ, Портела и Онрубија со по пет гола.

Чекорот на Нант во францускиот шампионат го следи само уште Шамбери, екипа која има пет победи во исто толку натпревари. За време на викендот се игра француското дерби во Лигата на шампионите меѓу ПСЖ и Нант. Двете екипи се сретнаа во полуфиналето на последната Лига на шампионите, во јуни годинава во Келн.