Нант и Лазаров со нова рутинска победа на гости

Лазаров

Екипата на Нант без големи проблеми прокнижи нови бодови на гостувањето кај Шартре (27-33) во десеттото коло од ЛНХ лигата во Франција.

Гостите го контролираа мечот од самиот почеток. Алберто Ентрериос постави тактика која неговата екипа ја претвори во предност од три гола по воведното полувреме. Тоа беше најава дека фаворитот лесно ќе стигне до бодовите. Меѓутоа, на почетокот од вториот дел домашните ракометари „покажаа заби“ и ја намалија негативата. Стигнаа до -2, но потоа одново попуштија и му дозволија на противникот одново да застане на солидна позитива. 

Кирил Лазаров двапати се запиша во листата на стрелци. Најефикасен на теренот беше Валеро Ривера со осум погодоци зад своето име.

Нант продолжи во потера по водечкиот ПСЖ, кој за два дена на домашен терен ќе се сретне со Сент Рафаел.