Нант и Лазаров се мачеа против Данкерк, но во победничка атмосфера ќе го чекаат Флензбург

Тимот на Нант имаше тежок тест во пресрет на новата сезона во Лигата на шампионите. Финалистот на најелитното европско клупско натпреварување на минатиот Ф4 пред дуелот со Флензбург, одигра натпревар од францускиот шампионат.

По тешка битка, Нант го совлада Данкерк со 20-19. Во првиот дел одбраната беше во главна улога, особено гостинскиот голман Грамс, па Данкерк, кој имаше предност и од три голови, 5-8, сепак замина на пауза со минималец, 9-10.

До средината на вториот дел најчесто се играше гол за гол и ниту една од екипите не се одлепи, се до 50. минута. По водството на Данкерк со 14-15, серија на домашните ракометари од четири погодоци за 18-15.

Беше и 20-17 за Нант, но Данкерк даде два гола за незивесен финиш и намали на 20-19 на минута до крајот. Гостите имаа две шанси за реми и бод, но голманот Сифер ги одбрани двата удари и победата остана за Нант.

Предводници на нападот беа Ривера со седум голови, Турна даде пет, додека Кирил Лазаров беше стрелец на два гола.