Нант и Лазаров потешко од очекуваното го совладаа разиграниот Иври

Лазаров

Кирил Лазаров со својот Нант запишаа нова победа во француската лига, откако потешко од очекуваното совладан беше разиграниот тим на Иври со 24-25 (13-11).

Екипата на Нант одново одигра натпревар под своите можности и квалитети во домашниот шампионат, а можеби заморот си го зеде данокот по двата меча во Лигата на шампионите за само три дена во кои совладан беше ППД Загреб, додека освоен беше бод против европскиот шампион Кил.

На спротивната страна пак Иври беше доста мотивиран и расположен за надигрување со големиот фаворит, а тоа се одрази и на резултатот во првиот дел од средбата. На полувреме се замина со позитива на аутсајдерот од два гола, а така беше и во поголемиот дел од второто полувреме, но во самиот финиш Нант влезе во ритам и со одлична серија впиша нови бодови на своето конто. 

Македонскиот селектор ги одигра само воведните минути од натпреварот и не успеа да се запише во листата на стрелците во дресот на Нант, а најзаслужен за тесна победа беше Балагуер со седум гола од осум обиди.