Нант и Лазаров немоќни против тактиката на Раул и разиграните парижани! 

Распоредот на новата сезона на францускиот ракометен шампионат посака уште во второто коло да гледаме дерби дуел меѓу шампионот ПСЖ и тимот на Нант, предводен од македонскиот капитен Кирил Лазаров. 

Спектаклот во Париз во целост ги оправда очекувањата на ракометните фанови, а особено на приврзаниците на ПСЖ, затоа што нивните миленици одиграа квалитетен дуел, крунисан со многу погодоци и сигурна победа од 32-29 (18-16).

  • Извештај од натпреварот: 

Избраниците на Раул Гонзалез уште од самиот старт сериозно влегоа во мечот и направија разлика која ја одржуваа во текот на сите 60 минути. Нант во неколку наврати намали на само еден гол негатива, но немаше решение за тактиката на поранешниот македонски селектор и расположените Карабатиќ, Хансен и Сигурдсон. 

Лазаров одигра солидна партија, зад своето име запиша четири гола и заедно со Турна и Буриќ беше меѓу најдобрите стрелци на Нант на овој меч. Ајмерик Мин со пет погодоци беше најефикасен. На противната страна Хансен реализира девет погодоци, Сигурдсон седум, а Карабатиќ пет гола.