Нант и Кил во финишот избегнаа неочекувани киксеви во ЛШ

Ракометарите на Нант впишаа нова победа во Лигата на шампионите, откако вечерва и со половични сили славеа над ППД Загреб со 30-28.

Францускиот претставник во ракометната елита, по несреќниот пораз од Барселона во претходното коло, немаше право на нов кикс во групата Б, но наиде на расположен противник кој до самиот крај на натпреварот беше во игра за бодовите, но сепак одлучи квалитетот и енергијата на домашниот тим. 

Нашиот Лазаров во игра влегуваше кога беше најпотребно и натпреварот го заврши со три постигнати гола. Најпрецизен беше Ривера со единаесет погодоци, а фантастичен беше и Фигуерас со седум. Кај ППД Загреб се истакна Хрстиќ со шест гола, а еден помалку запиша крилото Мандиќ.

Откако го декласира Мотор Запоржје и конечно победи по четири кикса во Лигата на шампионите, европскиот шампион Кил врза две победи во групата Б, затоа што вечерва потешко од очекуваното славеше на дуелот со Алборг, со резултат 28-26.

Долго време данскиот шампион беше во поповолна ситуација и поблиску до победата, но бундеслигашот, кога беше најпотребно, покажа моќ и со четири гола во низа стигна до победа од 28-26.

Раинкинг и Дувњак со по пет гола беа најпрецизни во таборот на Кил, а кај гостите од Данска најрасположен беше Бертхолд со седум гола.