Наместо со Вардар, Цехте ќе игра во ЛШ со дански ГОГ Гудме

Нејц Цехте, кој требаше да биде засилување за десната бековска позиција на Вардар 1961, по исфрлањето од Лигата на шампионите беше ослободен од обврските. Словенечкиот бек веднаш тргна во потрага по нова средина, па така сепак ќе заигра во елитното натпреварување. 

Нов клуб на Цехте е данскиот првак ГОГ Гудме. 29-годишникот парафира договор на една сезона и по четири сезони во Хановер, ќе заигра во Лигата на шампионите со ГОГ Гудме. 

„Среќен и горд сум што успеав да се договорам со ГОГ Гудме. Сите знаат дека ова е фантастичен клуб. Едвај чекам да заиграм во Лигата на шампионите. Дојдов тука, сакам прво да ги запознаам сите соиграчи, тренерите и сите во клубот. Го познавам Мортен Олсен, тој ми помогна многу во Германија. Сега чекам старт на подготовките за новата сезона, а најтежок момент ќе биде јазичната бариера“, кажа Цехте.

Кариерата на Цехте започна и долго течеше во словенечки Горење. Потоа во 2018 година прејде во Бундеслигата и стекна одлично искуство. Иако се очекуваше да биде големо засилување на вардарци, клубот доживеја црно сценарио, па Цехте и останатите договорени играчи не пристигнаа во Скопје.