• Иван Димовски
Ракометарките на Норвешка се вратија на светскиот трон, откако славеа во финалето на Мундијалот против Германија со 20-23 (11-11). Натпреварот во „Ахој Арената“ во Ротердам понуди огромна борба, но искуството пресуди во клучните моменти и Норвежанките по четири години пак се светски првак.
Натпреварот тргна израмнето, по стартната предност на номиналниот домаќин следуваа два гола на Мерк и Бакеруд за 1-2. Се играше гол за гол до 3-4, а тогаш Лојхтер, Вогел и Смитс врзаа три за Германките првпат да поведат со 6-4. Во продолжението Норвежанките успеаја да се вратат резултатски до егал веќе при 8-8. До крајот на полувремето ниту една селекција не поведе со повеќе од гол, а на одмор се замина со нерешени 11-11.
На стартот на продолжението подобро тргнаа гостинките, бидејќи направија серија од 1-4 за 12-15. Успеваше Норвешка краток период да се одржи на „плус три“, преживеа и едно исклучување од две минути, а потоа кога Реистад беше испратена на клупа ривалот се врати. Германија фати приклучок и стигна до 17-17. Одговорот на тоа пристигна преку Ингстад и Деила со два врзани гола за 17-19, ама ниту тогаш домаќинките не се откажаа. Успеа голманката Филтер да ѝ одбрани пенал на Мерк, ама германските ракометарки не реализираа два напади преку Гријселс и тоа беше казнето со два гола на Малин Ауне за 19-22. Ова беше клучниот исчекор на Норвежанките до враќање на светскиот трон.
Со по пет гола најдобри во таборот на Норвешка беа Хени Реистад и Русфелдт Деила, а кај Германките по четири дадоа Алина Гријселс, Виола Лојхтер и Емили Вогел.




