Најталентираниот ракометар во светот продолжува во Данска

Ракометниот репрезентативец на Фарски Острови, Оли Митун, договори трансфер и потпиша четиригодишен договор со данскиот клуб ГОГ Гудме.

Се шпекулираше дека суперталентираниот Фаранец може да заврши во ПИК Сегед, исто така минатиот месец беше пред трансфер во Магдебург, но брилијантниот лев бек ќе остане во Скандинавија.

Данскиот гигант обезбеди услугите на бомбардерот од Фарските Острови, заедно со десниот бек на Спортинг Лисабон, Франциско Кико Коста. Митун во актуелниот клуб Савехоф останува до лето, ќе игра во Европската лига, а од јуни се сели во новата средина.

Митун почна да игра ракомет во Х71 на Фарските Острови, во 2022 година се пресели во шведскиот Савехоф, каде во 2024 година стана шампион на оваа земја.

19-годишниот беше најдобар стрелец и на Светското првенство до 19 години во 2023 година и на Европското првенство за играчи до 20 години минатото лето. Учествуваше и на Европското првенство во Германија со Фарски Острови во јануари кога имаше само 18 години.