• Мартин Танасковски


Јужноамериканската селекција Аргентина дојде до првиот полн плен на Светското првенство (СП) кое се игра во Германија и Данска и во мечот со Ангола успеа да слави со 26-33 (12-17).
„Гаучосите“ на натпреварот кој го судеа нашите најдобри арбитри Начевски и Николов беа во егал со ривалот до 6-7, а потоа почнаа да градат разлика. Прво поведоа со 6-10, а потоа и со пет гола, позитива која остана до полувремето (12-17).
Во второто полувреме Анголците константно бркаа резултат, а најблиску што успеаја да дојдат беше еден гол разлика (21-22). Во продолжението од мечот искуството на Аргентина го направи своето, па со серија од 0-5 беше решено прашањето околу победникот.
Најдобар кај Аргентина беше Пабло Симонет со седум гола, Бонано уфрли шест гола, а Пизаро даде пет, додека кај Анголците, прво име беше Фереира со седум, а Хебо заврши со шест гола.
Аргентина во наредното коло кое е последно од првата фаза игра против Катар, додека Ангола се среќава со Египет.