Начевски и Николов јасно и гласно: Голот на Пранди чист како солза!

Македонските ракометни судии, Ѓорги Начевски и Славе Николов, беа во центарот на вниманието за време на полуфиналниот меч од Европското првенство, кога Франција по продолженија се избори за триумф над Шведска, а потоа и го освои турнирот. 

Јавноста веројатно засекогаш ќе остане поделена во мислењата околу голот на Франција во последната секунда, но Начевски и Николов немаат дилеми околу својата одлука. Иако Швеѓаните жестоко протестираа кај челниците на ЕХФ, сепак македонските арбитри цврсто стојат на ставот. 

„Дури кога свирнав, тогаш Пранди ја спушти другата нога. Во тој момент е со двете нозе на земја. Претходно, ногата му беше во воздух, не ја спушти. Тој ја спушти ногата и тоа е „нулта чекор“, почетна позиција. Правилото вели дека шутот е изведен кога топката ги напушта рацете на играчот.

Правилото нема исклучоци, строго кажува дека еден дел од телото мора да биде во постојан контакт со подлогата. Бев на два метра од него. Во ниту еден момент не се „одлепи“ од паркетот. За нас, голот е чист како солза“, рече Николов во подкастот Само ракомет. 

Потоа нашиот арбитар ја објасни и ситуацијата околу одлуката да не се прегледуваат ВАР снимките, иако дел од шведската клупа инсистираше на такво нешто. 

„ВАР можеше во случајов да биде замка. Судиите ја имаат опцијата да прегледаат снимка, но таа не е задолжителна. Мене ми се причини дека колегата донесе правилна одлука. Го прашав, дали е сѐ во ред, а тој ми потврди. Кога сме едногласни и гледаме што се случило, нема потреба да прегледуваме ВАР. Тоа можеше да трае половина час, па ќе чекаше публиката, тв-преносот и сите останати“, рече Николов. 

Начевски и Николов беа „нападнати“ од шведската делегација по завршувањето на мечот, потоа следуваше жалба и до ЕХФ, но истата беше одбиена. Франција го освои златниот медал во големото финале против Данска, додека Шведска мораше да се задоволи со бронзениот медал и во малото финале ја совлда домашната Германија.