Начевски и Николов го добија еден од највозбудливите дуели во ЛШ

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги објави официјалните лица за третото коло од Лигата на шампионите, а македонската судиска двојка Славе Николов и Ѓорѓи Начевски повторно се најде на листата за еден од најатрактивните натпревари во оваа рунда.

Нашите арбитри ќе ја делат правдата на дербито меѓу полски Киелце и актуелниот германски шампион Фуксе Берлин. Дуелот ќе се одигра на 25 септември во салата „Легионово“, со почеток во 18:45 часот, а делегат на средбата ќе биде Црногорецот Предраг Павичевиќ.

Николов и Начевски со години важат за едни од најреномираните ракометни арбитри во Европа и редовно добиваат најодговорни задачи на клупско и репрезентативно ниво.

Натпреварот меѓу Киелце и Фуксе Берлин носи посебна тежина, бидејќи двете екипи важат за кандидати за висок пласман и се дел од самиот врв на европскиот ракомет.