„Начевски и Николов ги контролираа емоциите на играчите, судеа перфектно“

Поради тоа што на претходните натпревари помеѓу двете најдобри полски екипи, Киелце и Висла Плок, имаше многу забелешки за работата на судиите, Ракометната федерација на Полска за првото овосезонско дерби одлучи да покани судии од странство.

Натпреварот на двете најдобро пласирани екипи во полската Суперлига го судеше една од најдобрите светски судиски парови Ѓорги Начевски и Славе Николов. Натпреварот во Киелце заврши со минимална победа на домаќинот од 27-26, а по натпреварот голманот на Висла, Михал Дашек испрати пофални зборови за водењето на арбитражата на нашите судии.

„Мислам дека одлично го контролираа натпреварот. Не дозволија ситуации кои сме ги гледале на натпреварите на овие две екипи во минатото. Ги контролираа емоциите на играчите. Ако зборуваме за судењето, тоа беше на највисоко ниво во овој натпревар“,  ја пофали работата на судиите Дашек.

Македонските судии по полското дерби се враќаат во Македонија каде многу веројатно ќе го судат големото дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961, кое се игра в среда во Битола.