Начевски и Николов делегирани за последен пат на ЕП, ќе им судат на Данска и Шпанија

Македонската судиска двојка Ѓорѓи Начевски и Славе Николов ќе ја дели правдата на уште еден натпревар на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес ги делегираше судиите за преостанатите пет натпревари од шампионатот, а Македонците ја добија довербата да го судат полуфиналниот дуел меѓу светскиот шампион Данска и бранителот на титулата Шпанија. Овој натпревар е закажан в петок со почеток од 18:00 часот, а во вечерниот термин во „МВМ Дом“ во Будимпешта ќе се судрат Франција и Шведска.

На овој дуел правдата ќе ја делат Давид Сок и Бојан Лах од Словенија. Натпреварот за петтото место меѓу Исланд и Норвешка го добија Шпанците Марин и Гарсија, за третото место Чесите Хоречак и Новотни, додека финалето ќе го судат Роберт Шулц и Тобијас Тониес од Германија.