НА ДЕНЕШЕН ДЕН: Начевски го турна Вујовиќ и предизвика хаос во „Кале“

Веселин Вујовиќ и Ѓорѓи Начевски

Многу од навивачите се сеќаваат на жестоките пресметки на Металург и Вардар во борбата за шампионската титула во македонското првенство.

Денешниот ден не навраќа на инцидентот кој што се случи и го одбележа дербито во „Кале“ во 2008 година. Мечот одлучуваше за конечниот победник во шампионатот, а истото беше зачинето со физичката пресметка на судијата Ѓорѓи Начевски и тогашниот предводник на вардарци, темпераментниот Веселин Вујовиќ.

Хаосот во салата настана во 48. минута кога синот на судијата двапати по ред го казни црногорскиот тренер поради приговор (исклучени беа двајца ракометари на Вардар). 

Незадоволен од одлуката, Вујовиќ тргна кон Начевски, а овој му покажува директен црвен картон. И тогаш, ситуацијата ескалираше и се претвори во нешто што не смее да се гледа на спортските настани. 

Арбитарот на мечот по провокациите и навредите од шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“ го турна во градите. Црногорецот ја загуби рамнотежата и направи неколку чекори назад, а потоа се упати кон судијата во обид да му возврати на физичкиот контакт. Предводникот на Вардар долго време се смируваше и на крај го проследи финишот од натпреварот на трибините меѓу навивачите.

По мечот, црногорскиот стручњак си поднесе оставка и изјави:

„Можеби го испровоцирав на вербален начин, но тоа е моја работа, а тој треба да го истрпи тоа. Се срамам поради мојот гест, сите спортски мечеви треба да завршат со поздрав. Сигурно да бев слободен, ќе стигнев до него и ќе го удрев, но ниту јас, ниту моето семејство не заслужи да ме гледа како специјалци ме извлекуваат од салата. Секоја чест за Метлург, знаеше да го искористи лошиот критериум на судиите...“.

Свое гледиште за целиот инцидент даде и Начевски според кого физичкиот контакт е одговор на провокациите од страна на тренерот на вардаровиот тим.

„Вујовиќ со неспортското однесување сакаше да го оправда нерешениот резултат, кој за неговиот тим беше еднаков на пораз, а тој добива 7.000 евра месечно.

Тој го нападна и мојот колега Николов кого го удри во ногата, а потоа и во грбот. Потоа дојде кај мене и ми го пцуеше семејството. Со главата беше блиску до мене и тоа беше инстинктивен потег од моја страна. Не го турнав толку силно, тој направи театар од целата ситуација“.

Вујовиќ и судијата Начевски заработија суспензија од четири натпревари, а делегатите Стево Коруновски и Миле Најденовски беа суспендирани на една средба.

Нерешениот резултат (26-26) повеќе му одговараше на екипата од Автокоманда која имаше три бода предност на првенствената табела и лесно стигна до шампионскиот трофеј.