МВР отвори предмет за полицаецот кој го удри Талески со пендрек

Министерството за Внатрешни Работи (МВР) соопшти дека отворен е предмет за скандалот кој се случи во СЦ „Билјанини Извори“ кога еден од полициските службеници го удри македонскиот ракометар Филип Талески со пендрек.

По една турканица крај клупата на ракометарите, еден од службениците го удри членот на Вардар 1961 со пендрек во пределот на главата. Од МВР објавија соопштение на темата.

„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот“, велат од МВР во соопштение на интернет-страницата.

Потегот во Охрид наиде на осуда од сите страни, затоа што Филип Талески е македонски репрезент и актуелен репрезентативец.