• Зоран Мишевски

Ракометарките на Вајперс Кристиансанд и трета сезона во низа се европски шампионки! Во финалето на завршниот турнир во Лигата на шампионите, Норвежанките беа подобри од Ференцварош со 28-24 (14-13). Унгарките кои играа како домаќинки во „МВМ Дом“ пред преполни трибини и со огромна поддршка парираа само едно полувреме. Искусната голманка Катрин Лунде беше „алфа и омега“ на својата екипа, бидејќи финишира со 17 интервенции, дел од нив кога се кршеше резултатот.
Бранителот на титулата почна моќна и со три гола на Русинката, Ана Вјахирева поведе со 5-1. Германката, Емили Белк со два гола возврати, но Вајперс Кристиансанд беше во ритам и на двата дела од теренот доминираше. Кога предноста првпат достигна +5, Габор Елек во 15. минута побара минута одмор (9-4).
Влегувањето на Лекиќ ја размрда унгарската екипа и Ференцварош намали на 11-8. Гјекстад забележа дека со ротацијата неговата екипа ја загуби сигурноста и во 22. минута повика тајм-аут. На голот на Цвијиќ, на идентичен начин возврати Чапчет за 13-10 во 23. минута. „Зелените“ го завршија полувремето во налет и Сандра Соличи Зачик со гол со звукот на сирената намали на 14-13 на полувреме.
Сепак, на израмнетата игра ѝ дојде крај на стартот на вториот дел. Откако екипите разменија по еден гол (15-14), следеше серија на Вајперс од 6-0 со која ја изградија високата предност. Ференцварош не изгледаше на тимот од првото полувреме, грешките зачестија и тоа резултира со највисоката предност од 24-16. Ситуацијата беше толку критична што тренерот Габор Елек го искористи последното право за тајм-аут во 44. минута.
На тоа домаќинките одговорија со три погодоци во низа за 24-19, меѓутоа немаа сили за целосен кам-бек и изненадување. Кристиансанд бргу се консолидира, главна алка во овој период на мечот беше голманката Катрин Лунде, па Норвежанките зачекорија кон победата. Рутински и без потешкотии ракометарките на Вајперс го затворија натпреварот и обезбедија трета титула.
Со по шест голови кај Вајперс се истакнаа Вјахариева и Андерсен, додека пет даде Робертс. Во таборот на Ференцварош се истакнаа Емили Белк и Андреа Лекиќ со по пет реализации.