Муса: Можеби изгледаше лесно, но многу се припремавме за Еурофарм Пелистер

Ракометарите на Магдебург целосно го надиграа инфериорниот Еурофарм Пелистер и во салата „Боро Чурлевски“ славеа со 24-32. Германската екипа сега може растеретено да го дочека реваншот на домашен терен, поради огромната предност во осминафиналниот двомеч од Европската лига. 

Иако на теренот изгледаше дека Магдебург прелесно го победи Пелистер, хрватскиот кружен напаѓач, Жељко Муса ни изјави дека тоа воопшто не било така. Пивотменот потврди дека германскиот тим многу се спремал за гостувањето во Битола.

„Дојдовме фокусирани и знаевме што сакаме. Победата ни беше цел и ја остваривме. Одлично игравме одбрана и нашиот голман беше расположен, па им овозможивме на нашите брзи ракометари лесни голови. Доста се подготвувавме за Еурофарм Пелистер, иако резултатот алудира на лесна победа, на теренот не беше така. Победата ни е најважна и сега се вртиме кон следниот натпревар против Штутгарт“, ни рече хрватскиот пивотмен Жељко Муса.

Еурофарм Пелистер гостува кај Магдебург наредниот вторник, во реванш дуел кој по сè веројатно ќе биде само формалност поради огромната предност на Германците.