• Саше Љолес
Светот се подготвува за големото финале од женскиот ракометен Мундијал, во кое силите ќе ги одмерат репрезентациите на Норвешка и Франција. Овој натпревар ќе претставува реприза на финалето од пред две години, а Норвежанките како актуелни шампионки ќе имаат можност и да ја одбранат светската круна.
Франција одигра досега феноменален турнир и не забележа ниту еден пораз, а во последното коло од групната фаза го совлада и денешниот ривал за златниот медал. „Триколорите“ извојуваа минимален триумф (24-23), но тоа ништо не мора да значи, затоа што денешниот меч ќе биде сосема поинаков и влогот е секако многу поголем.
За Норвешка ова ќе биде деветто финале во кое ќе се обидат да дојдат до петтата светска титула, а Франција досега има две злата од вкупно седум учества во финалињата. Интересно е и тоа што овие две репрезентации ќе се соочат во финалето по четврти пат, а сите претходни мечеви ѝ припаднаа на Норвешка. Французинките досега одиграа перфектен турнир и сигурно со голема мотивација ќе влезат во борбата за најсјајното одличје.
Големото финале помеѓу Франција и Норвешка е закажано за денес, со почеток во 19:00 часот, а во 16:00 часот ќе се сретнат Данска и Шведска, во скандинавскиот дуел кој на крајот ќе го одреди освојувачот на бронзениот медал.