„Планираме величенствено испраќање на Лазаров, Стоилов и Миркуловски...“

Светското првенство наредната година ќе биде нова можност за претставување на ракометната репрезентација на Македонија. Победата над Чешка на домашен терен значи продолжување на континуитетот учества на големите натпреварувања.

За жал на овој турнир нема да ги гледаме Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов. Двајцата ветерани најавија репрезентативна пензија по дуелот против Чесите пред неколку дена.

„Сакам да го изразам моето задоволство за случувањата во изминатите два месеци, благодарен сум до сите што се вклучени во ракометната репрезентација. Сметам дека се издигнавме по еден тежок период и направивме одличен резултат. Ние и во репрезентацијата и народот на Македонија е емотивен. Навистина ни значеше да играме пред полна сала, со голема поддршка. За мене беше задоволство, нашите спортисти покажаа достоинство, покажаа какосекој поединец треба да се бори за својата земја, а како еден колектив треба да се бори за Македонија. Задоволен сум, заедно со целиот Управен одбор за овој успех.

Што се однесува до играчите кои беа столбови во репрезентацијата, сакам да изразам благодарност до Миркуловски и Стоилов. Тие, заедно со Кирил Лазаров заслужуваат едно величенствено испраќање. Планираме посериозна организација, за на вистински начин да им се заблагодариме, да имаат испраќање пред полна сала како што заслужиле. Заедно дадоа многу на теренот, но беа и модел од кој сите останати треба да учат што значи да се биде репрезентативец“, изјави Мукаетов.

Помладите репрезентативци ќе добијат поголема одговорност на Мундијалот наредната година. Миркуловски ќе остане во стручниот штаб на Лазаров, а Стоилов ќе му го препушти местото на Пешевски.